Леди Гага се откажа од сета своја ексцентричност заради првата голема филмска улога, во којашто фановите ќе можат да ја видат во нејзиното природно издание.

Американската пејачка ја игра главната улога во „Ѕвезда е родена“, режисерското деби на Бредли Купер и, истовремено, римејк на легендарниот филм со Барбра Стрејсенд и Крис Кристоферсон од 1976 година. Овој филм има свои уште порани верзии, од 1954 и 1937 година.

Во филмот, Гага ја игра Ели, надежна пејачка на која постар колега ѝ помага да се пробие во музичката индустрија.

„Да се биде во овој филм е остварување на сон и вистинска чест. Способностите на Бредли како режисер, актер и музичар се неверојатни“, напиша Гага на Твитер.

Режисерот Џос Ведон и пејачката Кејти Пери велат дека се воодушевени од актерските квалитети на Леди Гага, која веќе има една голема актерска награда – Златен глобус за серијата „Американска хорор приказна“.

Филмот, за кој Леди Гага напишала и една оригинална песна, ќе излезе во октомври.