Иако оваа година таму нема да се одржуваат филмските проекции, 11. издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс се отвори вчера во Куршумли ан во Старата скопска чаршија со вообичаениот поздрав високо кренат кромид во рацете на екипата.
„Куршумли ан е објект во кој тишината најгласно зборува. Кога ќе поминеме низ неговата порта се среќаваме со безброј приказни. Тој раскажува цела една деценија приказни на МакеДокс. Затоа сметавме дека е многу важно отворањето на фестивалот да се случи токму тука, во нашиот дом, кој оваа година ќе го оставиме во тишина. Инспирирани од насловот на стихозбирката на Ацо Шопов, одлучивме со мотото ‘Слеј се со тишината‘ да го посветиме фестивалот на поезијата во филмот, дизајнот на звук“, кажа Дарко Набаков, кој раководи со реализацијата на 11. МакеДокс.
Фестивалот ќе биде во едно хибридно издание и ќе трае до 26 август. Филмската програма, која почнува денеска, ќе се одвива во паркот кај Младински културен центар и во Кинотеката, а филмовите ќе можат да се гледаат и онлајн. Вечерва од 21 часот, во паркот кај МКЦ ќе се прикажат „Спиењето на Макс Рихтер“ и краткиот документарец „Премин“, додека во летното кино на Кинотеката од 20:30 часот ќе можат да се гледаат краткиот филм „Бинокл“ и долгометражниот документарец „Зборувај за да те видам“.
Билетите за проекциите можат да се набават онлајн преку мрежата mktickets.mk, а проекциите и настаните на отворено ќе се одвиваат согласно пропишаните протоколи за заштита од коронавирусот.