„ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ СО ШПАНСКА ПРЕМИЕРА ВО ВАЛЕНСИЈА, ИГРА И ВО САРАЕВО И ПЕКИНГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Врба“ на Милчо Манчевски ќе има шпанска премиера на еден од тамошните најголеми фестивали, Мостра де Валенсија, што ќе се одржи од 22 октомври до 1 ноември. „Врба“ ќе биде во главната селекција за награди.

„Го гледавме филмот и воодушевени сме од автентичниот и деликатен режисерски пристап, од тоа како се раскажани приказните на трите хeрoини кои се соочуваат со различни аспекти на мајчинство и како авторот ги трасира животните патишта на ликовите, притоа раскажувајќи ја приказната непретенциозно“, изјави еден од селекторите на фестивалот.

„Врба“ се прикажува и на 26. Сараевски филмски фестивал, кој трае до 21 август. На годинашниот фестивал, кој се одвива онлајн поради пандемијата на коронавирусот, има 14 програми и се прикажуваат 187 филмови од 56 земји.

На крајот на месецов, „Врба“ ќе ја има и кинеската премиера и ќе биде во конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Пекинг.

„Врба“ го започна своето патување со светската премиера на Римскиот фестивал во октомври минатата година, каде што доби исклучително позитивни критики, а по македонската премиера, играше во кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше дел и од официјалната програма на фестивалите во Тајпеј, Талин, Белград, Бенгалуру, Синеквест во Калифорнија, Софија и други. Ја освои наградата за најдобар филм во програмата „Недела на режисерите“ на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто и на Камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.