Меколи Калкин ги одобри коментарите на социјалните мрежи во кои се бара дигитално отстранување на Доналд Трамп од филмот „Сам дома 2“. Притоа е предложено актуелниот претседател на САД да се замени со постара верзија на самиот Калкин.
„Продадено“, одговори Калкин на твитот преку кој се шири петиција за отстранување на Трамп од филмот.
Трамп има кратко, но забележливо појавување во филмот „Сам дома 2: Изгубен во Њујорк“, кога на ликот на Калкин му покажува каде е лобито во хотелот „Плаза“, кој во тоа време бил во негова сопственост. Во интервју од декември 2020, режисерот Крис Колумбус изјави дека Трамп инсистирал да добие улога во филмот во замена да дозволи снимање во хотелот.
„Тоа, сепак, се покажа добар потег. Кога првпат го прикажавме филмот, луѓето позитивно реагираа кога Трамп се појави на екранот, па му реков на монтажерот да го остави“, кажа Колумбус.