НАЈГОЛЕМ СОН, НО И СТРАВ БИ МИ БИЛО ДА ЈА ИГРАМ МАЈКА МИ, ВЕЛИ ЌЕРКАТА НА ДАЈАНА РОС

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Трејси Елис Рос глуми пејачка ѕвезда во новиот филм „Висока нота“ (The High Note), но вели дека темата не е поврзана со нејзината славна мајка Дајана Рос.

„Разбирам зошто сите се прашуваат тоа. Но, одговорот е не, не ја глумам мојата мајка“, изјави таа во едно интервју.

Филмот, кој ќе излезе на платформите за домашно кино в петок, ѝ ја дава долгоочекуваната шанса да пее на филмското платно.

„Тоа е нешто што отсекогаш сум го сакала. Тоа е еден од моите детски соништа, но моите најголеми соништа станаа едни од најголемите стравови. Можете да го разберете тој страв знаејќи која ми е мајка“, рече 47-годишната Трејси Елис Рос.

Дајана Рос (76 години) стекна светска слава во 1960-ите како вокал на „Сјупримс“, една од најпопуларните женски групи во историјата, а подоцна имаше и успешна соло кариера.