НЕ МИ СЕ ВЕРУВА КОЛКУ ПОПУЛАРНА СТАНА ТЕМАТА ОД „НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА“, ВЕЛИ ДОБИТНИКОТ НА ПОЧЕСНИОТ ОСКАР ЛАЛО ШИФРИН

Лос Анџелес, (АП)

Аргентинскиот композитор Лало Шифрин в недела на посебна свеченост во Холивуд ќе прими почесен Оскар за својата 60-годишна работа на филм и телевизија и за напишани повеќе од 100 композиции, од кои некои, како за „Невозможна мисија“ и „Валканиот Хари“, станаа дел од поп културата.

Иако шест пати беше номиниран, тој никогаш не ја освои најпрестижната статуетка, па сега ќе стане трет автор на филмска музика кој бил овековечен со почесна награда, по Алекс Норт во 1985 и Енио Мориконе во 2006 година.

„Ова се огромни чест и изненадување“, вели 86-годишниот Шифрин, кој има создадено и повеќе од 50 класични дела и освоено четири Греми награди.

Во последно време, тој поретко прави филмска музика.

„Секој филм има своја сопствена личност. Нема правила кога правите филмска музика, филмот диктира каква ќе биде музиката. На пример, кога ја правев музиката за ‘Валканиот Хари‘ решив дека главниот лик не е Хари Калахан, туку негативецот Скорпио, иако би очекувале фокусот да биде на херојот. Но, јас напишав тема за Скорпио“.

Сепак, неговото животно дело е безвременската тема за „Невозможна мисија“, оригинално напишана за серијата од 60-ите години.

„За мене е изненадување како таа тема стана толку популарна. Продуцентите ми рекоа да напишам нешто едноставно, но со тек на време таа стана толку популарна, што тоа ме прави многу среќен“.