НЕ ОСВОИВМЕ ОСКАР, НО ГОРДИ СМЕ ШТО БЕВМЕ ГЛАСНИЦИ НА ПОРАКАТА НА АТИЏЕ, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“

Лос Анџелес, (СМАРТ СДК.МК)

„Медена земја“, сепак, не успеа да ѝ го донесе првиот оскар на Македонија.

Документарецот на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов беше победен во двете категории во кои што беше номиниран на 92. церемонија на доделување Оскари, што ноќеска се одржа во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.

„Американска фабрика“, првиот филм на новата продукциска куќа на Барак и Мишел Обама, беше прогласен за најдобар документарец, додека големиот фаворит „Паразит“ од Јужна Кореја го доби Оскарот за најдобар странски филм.

И без да освои златна статуетка, „Медена земја“ испиша историја на македонската и на светската кинематографија како прв документарец кој бил номиниран не само во своја категорија, туку и за најдобар странски филм.

„Иако не освоивме Оскар, ние сме свесни за големината на овој филм, значењето на пораката што ја пренесува и за моќта на неброено многу приказни кои се кријат во нашата земја. Почестени сме што бевме номинирани покрај сите овие големи филмаџии. Тоа што ‘Медена земја‘ беше номиниран во две категории кажува едно: дека добра приказна е добра приказна. Кога имавме премиера на Санденс пред една година, немавме идеја колку далеку ќе стигнеме. Сакаме да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда Атиџе Муратова, која ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет и ја сподели својата едноставна, но длабока филозофија: земи половина, остави половина. Горди сме што бевме гласници на оваа нејзина порака“, соопшти екипата на „Медена земја“.

Историски големиот победник на вечерта е „Паразит“, првиот филм од неанглиско говорно подрачје кој бил прогласен за најдобар филм. Неговиот автор Бонг Џун Хо освои оскар и за режија и за оригинално сценарио, додека актерските оскари им припаднаа на оние кои сезонава ги собраа сите можни награди: Хоакин Феникс („Џокер“), Рене Зелвегер („Џуди“), Бред Пит („Беше еднаш во Холивуд“) и Лора Дерн („Брачна приказна“).