НЕКА ТРААТ РАДОСТА И НАДЕЖТА ДЕКА СЕКОЈ МОЖЕ ДА НАПРАВИ ПОВЕЌЕ, ВЕЛИ ТИМОТ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ПО ОСКАРИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од поголемо значење е што сменивме историја отколку што не добивме Оскар. Две номинации се подобри од еден оскар, вели Атанас Георгиев, продуцентот на „Медена земја“.

Откако стана прв документарец кој беше номиниран и за најдобар странски филм, оскарите во овие две категории вчера ги добија „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рајнхард и „Паразит“ на јужнокорејскиот режисер Бонг Јон-хо.

Режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, Георгиев и кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут утрово преку онлајн прес-конференција се огласија од САД. Потенцираа дека не се разочарани и дека секој кој е разочаран треба да се преиспита и искрено се радуваат и честитаа за успехот на „Американска фабрика“.

Од денешната онлајн прес-конференција на тимот на „Медена земја“ во киното Фросина (Фото: К. Попов)

„Оскарот е формалност. Патот кој води до таму и луѓето кои го гледаа филмот се вистинската слика за неговиот успех. Сметам дека Оскарот е, пред сè, шоу за американската публика и би требало контекстот на медиумите во врска со тоа да се смени. Не се работи за нас дали сме победници или не, туку се работи за одговорност пред македонската јавност и за мотивацијата која треба да се задржи кај луѓето, бидејќи кај нас сите лесно се демотивираат за сè. Мислам дека токму тоа е потребно сега, да продолжат радоста и надежта дека секој може да направи нешто повеќе“, рече Котевска.

Главната протагонистка Атиџе кажа дека најголем впечаток од САД ѝ оставил океанот, но дека едвај чека да се врати во родното место кај пчелите.

„Сега ми е потребен мир“, вели Атиџе.

За идните проекти не откриваат детали, но рекоа дека секако повторно би работеле заедно, како големи професионалци.

Б. НЕСТОРОСКА