Кристофер Нолан „категорички“ изјави дека нема да го режира следниот филм од франшизата Џејмс Бонд, но дека би сакал да го направи тоа еден ден.
Извршните продуценти потврдија дека Даниел Крег по петти и последен пат ќе го глуми тајниот агент 007, но и покрај желбите од двете страни, Нолан овој пат нема да биде режисерот.
„Секој пат кога ќе ангажираат режисер се појавуваат шпекулации дека јас сум тој. Но, јас нема да го режирам 25. Бонд. Не, категорички!“, кажа Нолан во интервјуто за „Би-Би-Си радио 4“, додавајќи дека, сепак, би сакал да се најде во таа улога еден ден.
„Би сакал да снимам филм за Бонд еден ден, но мислам дека продуцентите Барбара Броколи и Мајкл Вилсон прават одлична работа, исто како и режисерот Сем Мендес на последните неколку филма, па јас моментално не им ни требам“.
Други познати режисери кои се поврзуваат со следниот Бонд, што треба да излезе кон крајот на наредната година, се Денис Вилнев, Даг Лиман и Кетрин Бигелоу.