НЕОБЈАВЕНИ ПЕСНИ ОД ЏОРЏ МАЈКЛ ЌЕ СЕ ПОЈАВАТ ВО ФИЛМОТ „МИНАТИОТ БОЖИЌ“

Лондон, (Гардијан)

Досега необјавена музика од Џорџ Мајкл ќе се појави во новиот филм на Пол Фиг, „Минатиот Божиќ“. Сценариото за оваа романтична комедија, инспирирана од еден од најголемите хитови на Мајкл, го прават оскаровката Ема Томпсон и комичарката Брајони Кимингс.

Најавен за ноември 2019 година, во главни улоги ќе бидат Емилија Кларк („Игра на тронови“) и Хенри Голдинг („Откачени богати Азијци“).

„Кога му се придружив на филмот, Џорџ веќе беше дел од екипата. Тој веќе имаше потпишано договор за соработка, кога ненадејно почина“, изјави Кимингс.

Џорџ Мајкл, кој почина токму за Божиќ во 2016 година, бил вклучен во раната подготовка на филмот, кој ќе содржи голем број негови песни, како класици, така и нови, кои досега не се објавени.

„Минатиот Божиќ“ 11 пати се појави на топ-листата, откако првпат беше објавена во 1984 година.