НЕПРИЈАТНО Е, НО УЖИВАМ, ВЕЛИ НАТАЛИЈА ЛИ, ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА КОЈА РАБОТИ СО ОРУЖЈЕТО ВО „ИГРА НА ТРОНОВИ“

Лондон, (Би-Би-Си)

Австралијката Наталија Ли е единствената жена која работи на оружјето во „Игра на тронови“. Таа се грижи за сите видови оружје во ТВ-серијата, од огнените стрели до џиновските катапулти.

Таа, исто така, ја одигра бестрашната Чела во првата сезона, бидејќи им бил потребен „воин кој сече уши и потоа ги реди околу својот врат“.

Меѓу задачите на Наталија било да го дизајнира огромниот Хартсбејн меч, за кој фановите ќе се сетат дека беше украден од Семвел Тарли во шестата сезона, за кој истражувала со недели.

Ли ужива да работи со актерите, но се нервира кога ќе ја прашаат зошто една жена сака да работи со мечеви и чатали

Триесет и петгодишната Ли вели дека работата со оружје ѝ е во крвта, бидејќи во семејството се занимавале со стрелаштво.

Работела како обезбедување, па добила сертификати за работа со огнено оружје, самоодбрана и за каскадер, се вработила во полицијата на Нов Јужен Велс, а потоа почнала да работи и на филмски сетови.

Нејзината работа во „Игра на тронови“ значи дека покрај дизајнирањето, им покажува на актерите како да го користат оружјето, како да ги наместат рамениците, дури и кога користат реплики на мечеви направени од гума и алуминиум. Еден меч може да има 20 верзии, ако се користи во многу сцени.

Еден од дизајните на Наталија Ли

Челичните ножеви се користат само за снимки одблиску, но не и за акција, бидејќи, како што вели, тие можат навистина да исечат нечија глава. За сцените со борби, често се користат алуминиумски сечила, бидејќи се многу посветли и полесни, но го произведуваат истиот звук како челик.

Ли има само пофални зборови за сите ликови од серијата.

Ли со недели истражувала за дизајнот на Хартсбејн мечот

За Кит Харингтон (Џон Сноу) вели дека е навистина прекрасен, љубезен млад човек, но нејзин омилен актер е, сепак, Николај Костер-Валдау, кој го игра Џејми Ланистер, за кого вели дека е натпреварувачки, спортски тип и дека се восхитува на неговата способност да се бори само со една рака.

„Мејзи Вилијамс е неверојатно талентирана, бидејќи направи сѐ, се бореше со жица, па и со ножеви и мечеви”.

За сцените со борби, често се користат алуминиумски сечила, бидејќи се многу посветли и полесни, но го произведуваат истиот звук како челик

Ли ужива да работи со актерите, но се нервира кога ќе ја прашаат зошто една жена сака да работи со мечеви и чатали.

„Постојано ми велат: ‘Жените не сакаат да го видат тоа, жените не сакаат да го направат тоа’. Тоа е толку фрустрирачки. Ние сме способни за ракување со оружје. Мојата работа е техничка вештина, која се совладува, па полот нема никакво влијание”.