ДРУГАТА СТРАНА НА ЕЈМИ ВАЈНХАУС НИЗ ФОТОГРАФИИТЕ НА НЕЈЗИН ПРИЈАТЕЛ

Лондон, (Гардијан)

2008 беше исклучително успешна година за Ејми Вајнхаус, откако, меѓу другото, освои пет Греми награди, победувајќи имиња како Џеј-Зи, Џастин Тимберлејк и Ријана во конкуренцијата за албум на годината.

Во исто време, таа се бореше со зависноста од алкохол, кокаин и крек, а таблоидите ја следеа на секој чекор, што, сѐ заедно, направи голем хаос од нејзиниот живот.

Ејми Вајнхаус во Света Луција во 2009

Истата година, таа преку заеднички пријател го запозна 22-годишниот американски фотограф Блејк Вуд и двајцата набргу станаа неразделни. Тој беше „добриот Блејк“, наспроти нејзиниот проблематичен сопруг Блејк Филдер-Сивил, за кој се верува дека ја навлекол на дроги.

Нивното пријателство се продлабочи откако Вуд почна да прави приватни, неформални фотографии од Ејми.

Тој вели дека по нејзината смрт во 2011 година му било многу тешко да ги гледа тие фотографии, но сега смета дека е вистинско време да ги сподели со јавноста. Колекција од 150 досега невидени фотографии ќе биде објавена во книгата „Ејми Вајнхаус“ и тие се снимени во 2008 и 2009 година, на локации од Камден, преку Париз до Света Луција.

„На овој начин сакам да ја сменам перцепцијата на јавноста за неа. Постои погрешна претстава дека во тој период сѐ било лошо во нејзиниот живот, но не беше. Јас бев таму“, вели Вуд и додава:

„Оваа книга е љубовно писмо за пријател. Таа е визуелен дневник за нас двајца во времето кога таа беше најславната пејачка на светот, но често и погрешно разбрана. Ејми беше многу сакана од луѓето околу неа и се надевам дека тоа ќе се види низ ова дело“.