„НЕТФЛИКС“ СПАСИ ЛЕГЕНДАРНО ЊУЈОРШКО КИНО ОД ЗАТВОРАЊЕ

Њујорк, (Гардијан)

„Нетфликс“ го отвори своето прво кино, каде што планира да ги прикажува најпопуларните филмови од сопствената продукција.

Стриминг гигантот потпиша договор за изнајмување на легендарното њујоршко кино „Париз“ и со тоа ќе го спаси од затворање по 71 година работа. „Нетфликс“ се решил на ваков чекор откако неколку големи ланци на киносали одбиле да ги прикажуваат неговите филмови.

„Париз“, што се наоѓа во близина на Петтата авенија, престана да работи во август и повторно ќе се отвори со „Брачна приказна“ со Скарлет Јохансон. Тоа има 581 седиште и елегантна внатрешност и беше последното кино во градот со само еден екран. Го отвори холивудската дива Марлен Дитрих во 1948 година.

„Компанијата планира да го користи киното за специјални настани, проекции и за кинопремиери на свои филмови“, соопшти „Нетфликс“.

Филмовите станаа голем бизнис за „Нетфликс“, кој во почетокот беше главно телевизиски ориентиран, но годинава направи голем пробив на Оскарите со „Рома“ и за следното доделување повторно ќе има силен адут во „Ирецот“ на Мартин Скорсезе.