НОВ „ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ“ И „АВАТАР“ ЌЕ СЕ ИЗМЕНУВААТ СЕКОЈ БОЖИЌ ОД 2021 ДО 2027 ГОДИНА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Четири филма од серијалот „Војна на ѕвездите“, осум изданија на „Марвел“, четири продолженија на „Аватар“ и нов филм за Индијана Џонс доаѓаат во киносалите во наредните години. Ова е листата амбициозни проекти што ги најави компанијата „Дизни“, но таа беше проследена и со одложувања.

Познато е дека „Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“ ќе има премиера околу Божиќ, но потоа ќе има празнина од три години пред да почне нова трилогија, која треба да следи во периодот од 2022 до 2026.

А, долгоочекуваното продолжение на „Аватар“ од 2009 година повторно е поместено и според најновите најави, треба да излезе на 17 декември 2021. Тој оригинално беше најавен за 2014, па беше одложуван за 2017 и 2020 година. По него ќе дојдат уште три филма.

Премиерите на „Војна на ѕвездите“ и на „Аватар“ ќе се изменуваат секој Божиќ од 2021 до 2027 година.

„Дизни“ ќе го прошири филмскиот универзум на „Марвел“ со уште осум наслови, што ќе дојдат во кината од 2020 до 2022 година, а Харисон Форд ќе има 79 години кога во септември 2021 година ќе излезе нов, сè уште неименуван филм за Индијана Џонс.