НОВИОТ ФИЛМ НА ТАРАНТИНО ИЗЛЕГУВА ЗА 50-ГОДИШНИНАТА ОД УБИСТВАТА НА МЕНСОН

Лос Анџелес, (Вараети)

Новиот, деветти по ред филм на Квентин Тарантино, сѐ уште неименувана приказна за Чарлс Менсон, ќе има премиера во американските кина на 9 август 2019 и овој датум не е случајно избран.

Иако Тарантино тврди дека филмот не е посветен исклучиво на Менсон, тој ќе излезе токму за 50-годишнината од убиствата што ги изврши неговиот култ, вклучувајќи ја и бремената актерка Шерон Тејт.

Тарантино посакува да ја види Маргот Роби во улогата на Тејт, а со проектот се поврзуваат и Леонардо ди Каприо, Том Круз. Бред Пит и Семјуел Џексон, но сѐ уште нема официјални информации за кастингот.

„Сместен во Лос Анџелес во летото 1969 година, новиот филм на Тарантино се фокусира на машки лик кој се обидува да се пробие во филмскиот бизнис. Неговиот пријател, кој истовремено е и каскадер, ја има истата амбиција. Ужасното убиство на Шерон Тејт и на четворицата нејзини пријатели служи како инспирација за главната приказна“, го цитираше магазинот „Вараети“ изворот запознат со сценариото на филмот.