Филмското студио „Јуниверзал“ го објави постерот за новиот филм за Џејмс Бонд, насловен „Не е време за умирање“, најавувајќи ја премиерата за април 2020.

Првично беше кажано дека во кината во Велика Британија ќе игра од 3 април, но продуцентите ја поместија премиерата за ден порано, додека во САД ќе игра од 8 април. Режисер е Кери Фукунага, а, покрај Даниел Крег, играат и Реиф Фајнс, Рами Малек, Рори Кинир, Бен Вишо, Наоми Харис, Леа Сејду и Џефри Рајт.

Најновиот филм од франшизата за британскиот таен агент долго време се очекува. Неколку членови на екипата беа повредени во експлозија на снимањето, а Крег го повреди зглобот на сет во мај. Сценариото го доработи Фиби Волер-Бриџ.

Снимањето на филмот заврши неодамна во Италија, откако претходно се снимаше во Лондон, Јамајка и Норвешка.