„ОДМАЗДНИЦИ 3“ ГИ УРНА СИТЕ РЕКОРДИ НА ПРЕМИЕРАТА

Лос Анџелес, (АП)

Најисчекуваниот блокбастер на годината „Одмаздници: војна на бесконечноста“ очекувано растури на кино-благајните во првиот викенд од прикажувањето, уривајќи ги сите рекорди.

Во САД, новиот мегахит на „Дизни“ и „Марвел“ отвори со заработка од 250 милиони долари, надминувајќи го досегашниот рекордер од декември 2015 година, „Војна на ѕвездите: силата се буди“ (247,9 милиони).

Третиот дел на „Одмаздници“ одлично помина и глобално, продавајќи карти во вредност од неверојатни 630 милиони долари. Бројките се уште поимпресивни ако се знае дека филмот допрва ќе се прикажува во Кина, која е вториот најголем светски пазар за филмови. Премиерата во Кина е закажана за 11 мај.

Рекордот на светско ниво досега го држеше „Судбината на бесните“ (2017), со заработени 541,9 милиони долари.