Вториот дел на „Опаку наопаку“ (Inside Out) ја надмина заработката од милијарда долари на светско ниво само три недели по премиерата, станувајќи анимиран филм кој најбрзо остварил вакво постигнување. Сопственикот на „Пиксар“, „Дизни“, објави дека „Опаку наопаку 2“ станал филм со најголема заработувачка оваа година и единствен со над милијарда долари.
Ова е продолжение на филмот од 2015, кој исто така беше хит во кината, заработи 858 милиони долари и потоа доби Оскар за најдобар долгометражен анимиран филм.
Во вториот дел, главниот лик Рајли е тинејџерка и се соочува со нови емоции, како вознемиреност и завист. Меѓу познатите актери кои позајмуваат глас се Ејми Полер, Маја Хок, Кајл Меклахлан и Дајен Лејн.