ОСКАРИТЕ ЌЕ ИМААТ ВОДИТЕЛ ЗА ПРВПАТ ОД 2018

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Церемонијата на доделување оскари повторно ќе има водител по четири години пауза и ќе се врати во својот долгогодишен дом, театарот „Долби“ во Лос Анџелес, објави ТВ-мрежата Еј-Би-Си. И додека други манифестации се откажуваат поради новото големо ширење на коронавирусот, Еј-Би-Си кажа дека најпрестижните филмски награди ќе се доделат според планот на 27 март.

„Годинашната церемонија ќе има водител. Нема да откријам други детали. Можеби ќе бидам јас“, се пошегува претседателот на Еј-Би-Си, Крег Ервик.

Оскарите немаа водител во 2019, 2020 и 2021. Гледаноста на настанот забележа значителен пад во изминатите години, па ланската церемонија, која се одржа во историската зграда на железничката станица во Лос Анџелес, ја гледале само 10,4 милиони Американци, најмалку досега.

Имињата на номинираните ќе бидат објавени на 8 февруари.