„Ова е Македонија“ рече актерот Раде Шербеџија по речиси 10-минутниот стоечки аплауз со кој публиката го поздрави „Пред дождот“, на синоќешната гала златна премиера за 30-годишнината на филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија. Громогласниот аплауз во полната сала на Филхармонијата почна уште на одјавната шпица на филмот и траеше долго по поклонувањето на екипата во која на чело со режисерот Милчо Манчевски беа и Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, директорот на фотографија Мануел Теран, монтажерот Николас Гастер, како и дел од македонската екипа, Петар Мирчевски, Силвија Стојановска, Сузана Киранџиска, Катерина Коцевска, Златко Ориѓански, Атила Клинче, Александар Микиќ, Нино Леви.
Настанот почна со видеообраќање на Сајмон Пери, тогашниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужен што „Пред дождот“ воопшто е снимен, а на екранот одеше фотографија на која тој и Манчевски се со Златниот лав на бротче во Венеција следниот ден по победата на Венецискиот фестивал во 1994.
„Да те поддржувам и да работам со тебе на овој филм, Милчо, беше за мене како британски продуцент извор на гордост, која не се мери со ништо друго што имам направено. Прекрасно е да се замислат луѓето во публиката, кои не биле ниту родени и сега откриваат колку извонреден беше твојот прв филм, и е и секогаш ќе биде“, рече Пери.
Со Ин мемориам видео беше оддадена и почит на актери и членови на екипата на филмот кои починале изминативе 30 години.
„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик преде точно 30 години го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, како и уште 9 други награди на Фестивалот. По победата во Венеција, освои уште 30-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 60-ина земји и, како што тогаш ќе рече Сајмон Пери, „беше да побудалиш блиску до тоа да го освои Оскарот за најдобар странски филм“ во 1995. „Њујорк тајмс“ потоа го вброи „Пред дождот“ меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на Фестивалот по мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“. „Пред дождот“ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира, делото и авторот се споредувани со делата на Џојс, Кундера, Бергман, Тарковски.
„’Пред дождот’ ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја”, „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија. Со помош на „Пред дождот” се изучуваше македонскиот јазик на универзитети во САД и Полска, а во Кореја – англискиот. Дури, има и италијанско вино што се вика „Пред дождот“. Во ноември 2024 филмот повторно се прикажува во Кина (од Државниот кинески филмски архив), во Словенија и во Бразил.
За „Пред дождот“ се објавени над 5.000 текстови на 50-ина јазици, неколку илјади текстови емитувани на радио и на телевизиските мрежи низ светот, има десетина илјади референци за овој филм на Интернет.