„ПАТУВАЊЕ ПЕШ“ НА ТАМАРА КОТЕВСКА ПРЕТСТАВЕН НА ФЕСТИВАЛИ ВО ЖЕНЕВА И КОПЕНХАГЕН

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Документарниот филм „Патување пеш“ ( The Walk) на режисерката Тамара Котевска изминатава недела се прикажуваше на два европски фестивали во исто време.

Како што велат од „Охо продукција“ , на 12 март имаше европска премиера во конкуренцијата за награди на најголемиот фестивал за човекови права ФИФДХ (FIFDH) во Женева, Швајцарија, каде имаше 2 проекции.

Веќе 22 години по ред, овој фестивал е посветен на промоција на филмови кои се борат за човекови права. Секоја година, паралелно со главниот собир на Советот за човекови права на Обединетите Нации, фестивалот презентира филмови и одржува жестоки дебати за различни социјални борби и критикуваат насилство врз човечкиот род. На премиерата во Женева биле режисерката Котевска и директорот на фотографија Жан Дакар и учествувале на дебатите поврзани со бегалските кризи и правата на бегалците кризните подрачја ширум светот.

Филмот имаше и 5 проекции на еден од најголемите фестивали за документарен филм од А Категорија во Европа Си-Пи-Ејч Докс (CPH DOX) во Копенхаген, Данска. На премиерата во Копенхаген бил кинематографот Самир Љума. Филмот е избран за специјална проекција после која имало отворена дебата поддржана од организацијата на Обединетите Нации, со високи претставници на повеќе организации за правата на бегалците ширум светот, меѓу кои УНХЦР, Црвениот крст и Данскиот институт за човекови права.

„Патување пеш“, вториот документарен филм на Котевска, ја имаше светската премиера лани на 9 ноември на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC), најголемиот американски фестивал за документарци.

Претходниот филм на Котевска, „Медена земја“, што го режираше со Љубомир Стефанов, доби историски две номинации за Оскар, за најдобар документерец и за најдобар странски филм.

Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри која претставува дете-бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците. Филмот се снимаше две години во повеќе од 10 земји, како Сирија, Велика Британија и Јужна Африка. Патувањето на Амал, кој го бара своето семејство, завршува на Пикадили во Лондон, објасни Котевска. Куклата поминува пеш 9.600 километри и посетува 97 градови во 14 земји.

Фото: М. Буено