Култни филмови со кои пораснале многу генерации ќе бидат тема на годинашното шоу „Глумците пеат“, што ќе има две изведби, на 8 и 9 април во Македонскиот народен театар (МНТ) од 20.30 часот.
Организаторите велат дека меѓу филмовите чија музика ќе ја слушаме се „Некои тоа го сакаат жешко“ (Some Like It Hot), прочуениот мјузикл со Мерилин Монро од 1959 и „Браќата Блуз“ (The Blues Brothers) од 1980. Секоја точка ќе биде осмислена со интересно сценарио поврзано со филмот од кој е музиката.
„Кога едно обично бегство од полицијата бара маскирање на невообичаен начин настанува хаос исполнет со добра музика, хумор, смеа, неочекувани пресврти и романтични искри на сцената. Некои класики никогаш не стареат“, велат организаторите на „Глумците пеат“.
Годинава ќе видиме околу 25 точки со различна приказна. Ова е трето возобновено издание на манифестацијата која ја направи актерот Марин Бабиќ, кој почина во октомври 2022 по кусо боледување, а неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ ја организираат во негова чест. Во 2023, „Глумците“ се вратија на сцената по 17 години пауза.
Режисер на шоуто и годинава е Дејан Пројковски, а диригент на биг бендот кој ќе свири е Љупчо Мирковски. Новите аранжмани на песните се на Бобан Мирковски, а кореографијата на Олга Панго.
Билетите за „Глумците пеат“ се продаваат преку мрежата на mktickets.mk.
М. ЏАРОВСКА
Тања Кочовска и Софиа Насевска-Трифуновска како „Ацукар морено“ на ланското шоу, со водителот Горан Ников (Фото: К. Попов)