ПИТ, ДЕЈМОН И ДИКАПРИО ОДБИЈА ДА ИГРААТ ВО „СКРШЕНГРБ ПЛАНИНА“, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ВАН САНТ

Лос Анџелес, (Гардијан)

Леонардо ДиКаприо, Бред Пит, Мет Дејмон и Рајан Филип се меѓу актерите кои одбија улога во филмот „Скршенгрб планина“, геј-романсата која ги прослави Хит Леџер и Џејк Џиленхал, откри режисерот Гас ван Сант, кој почна да работи на филмот, пред да му го предаде на Анг Ли.

Филмот од 2005 година доби три Оскари, меѓу кои за најдобра режија, а Леџер и Џиленхал беа номинирани за главна и за споредна улога.

Ван Сант во интервјуто за „Индиваер“ открива дека филмот за двајца мажи кои се ангажирани да чуваат овци во Вајоминг се покажал како голем предизвик да се одбере кастингот.

„Никој не сакаше да игра. Почнав со работа и сметав дека ни е потребна навистина силна, позната актерска екипа, но тоа не ни успеа“, кажа режисерот на промоцијата на својот нов филм, во кој игра Хоакин Феникс.

Пит и ДиКаприо за првпат играат заедно во новиот филм на Квентин Тарантино, „Беше еднаш во Холивуд“, кој треба да излезе следната година.