Со домашната премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски на 15 октомври ќе се отвори деветтиот меѓународен филмски фестивал Киненова во Скопје.
„Јон Вардар против галаксијата” викендов ја имаше својата светска премиера на 57. издание на Фантастик филм фестивал во шпанскиот град Ситџес, еден од најголемите и најстари жанровски фестивали во светот. Филмот е најавен како хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат галаксијата од самите себеси.
Киненова ќе трае до 20 октомври, ќе се прикажат шест филмови, а годинашното мото е „Што е прво? Филмот или приказната?“.
„Предјубилејното издание на Киненова ни носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии. Живееме во постковид времиња кога сѐ е возможно, па затоа решивме годинашниот фестивал да ни понуди еден фин микс од еклектични филмски жанрови кои ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној кој живее во злобниот паралелен универзум“, вели Игор Анѓелков, селектор на главната програма.