ПРВ ФЕСТИВАЛ НА ФИЛМОВИ ЗА ИСТРАЖУВАЧКО НОВИНАРСТВО ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Од денес до недела во киното „Култура“ ќе се одржува првото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА (пина.мк) во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.

На фестивалот ќе има документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот.

Отворањето е со филмот „Да се биде укажувач“ на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, а потоа ќе има дискусија на тема „Укажувачи: ‘тајни’ играчи кои може да ја променат историјата“.
Меѓу учесниците на дебатата е и Бети Медсгер, американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот. Таа ќе се обрати преку „Скајп“.

За промените до кои може да доведат укажувачите и храброста потребна за тој чин, на дебатата ќе зборува и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој ги обелодени таканаречените „бомби“ .
На истата дебата ќе говорат и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда.

Од ПИНА велат дека филмовите што се дел од програмата ја отсликуваат врската на новинарската работа со секој сегмент од општеството, па преку нив публиката ќе може да открие повеќе за приватизацијата во Хрватска („Газда“), затајувањето данок во Велика Британија („Пајаковата мрежа; Второто кралство на Велика Британија“), криволовот на птици во Србија („Рамнина без птици“), проблемот со загадувањето („Црни бели дробови“ и „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“), како и опстанокот на печатените медиуми во дигиталниот свет („Новинарство по ново, новинарство по старо“).

„Меѓу другите содржини на фестивалот за прв пат ќе имаме и гостин од Велес, Антонио – 19-годишен тинејџер, кој работел во индустријата за лажни вести, сега јавно ќе говори за тоа на дебатата посветена на лажните вести“, најавуваат од ПИНА.