Парадата на холивудските ѕвезди на црвениот тепих на Венецискиот филмски фестивал продолжи синоќа со доаѓањето на Тилда Свинтон и Џулиен Мур за премиерата на новиот филм на Педро Алмодовар „Соседната соба“. Иако нов филм на Алмодовар секогаш е настан, овој има посебно значење зашто е негов прв на англиски јазик. Овојпат, доби речиси 20-минутни овации
„Мојата несигурност исчезна по првото читање на текстот со актерките. Јазикот немаше да биде проблем, не затоа што го владеам англискиот, туку поради целосната подготвеност на актерската екипа да ме разбере и да ми олесни да ги разберам нив. Мур и Свинтон ја носат целата тежина на филмот на своите рамена и тие се спектакл“, кажа Алмодовар.
Мур и Свинтон играат пријателки чии патишта се разделиле во младоста. Ингрид (Мур) пишува романи, а Марта (Свинтон) стана воена репортерка. По долги години разделеност, тие се среќаваат во Њујорк, кога Ингрид дознава дека Марта се лекува од рак.
И Свинтон и Мур признаваат дека никогаш не верувале дека ќе снимаат со Алмодовар.
„Не знам како успеав да влезам во овој свет, но среќна сум што ме избрал“, кажа Мур.
Филмот ќе излезе во кината во декември.
(Фото: АП)