РАСПРОДАДЕНИ СИТЕ ПРОЕКЦИИ НА „КАЈМАК“ НА ФЕСТ ВО БЕЛГРАД, ОДЛИЧЕН ПРИЕМ ВО ПОРТУГАЛИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во рекорден рок се распродадени сите проекции на „Кајмак“ на Милчо Манчевски на белградски ФЕСТ, каде премиера ќе има вечерва, а следат уште две прикажувања на 4 и 5 март. Ова е засега единствен филм на овој реномиран фестивал за кој се распродадени сите билети, соопшти продукцијата на филмот.

Сите филмови на Манчевски се прикажани на ФЕСТ, „Мајки“ е добитник на награда, а белградската публика особено го почитува македонскиот режисер. Неодамна, новинарката и есеистка Тања Петернек сними документарен филм во два дела за Манчевски, кој само во едно прикажување на РТС го видоа над 400.000 гледачи. Претходно, режисерката Катарина Вражалиќ сними целовечерен документарен филм за опусот на Манчевски, „Портрет на уметникот“. Неговите филмови, прес-конференции и разговори со публиката секогаш будат огромен интерес.

Во исто време, „Кајмак“ беше прикажан на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија, каде проекциите (на 28 февруари и 2 март) беа пречекани со огромен интерес. Директорот на Фантаспорто, Марио Дормински, го нарече „Кајмак“ слатко ремек-дело. Опусот на Манчевски е редовно прикажуван на Фантаспорто, а тој е наградуван на фестивалот дури трипати.

„Кајмак“ е седми филм на Манчевски, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на Дејниш стринг квартет и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.

Филмот, црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на либералните тенденции во општеството, беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.

(Фото: Продукција Кајмак)