РУСИЈА ГО ПОБЕДИ ХОЛИВУД И ЈА ОДРЖА ПРЕМИЕРАТА НА ПРВИОТ ИГРАН ФИЛМ СНИМЕН ВО ВСЕЛЕНАТА

Москва, (Гардијан)

Првиот игран филм снимен во вселената ја имаше својата премиера во руските кина. Насловен „Предизвик“, филмот следи женски хирург која доаѓа на Меѓународната вселенска станица (ИСС) за да спаси повреден астронаут.

Режисерот Клим Шипенко и главната актерка Јулија Пересилд престојуваа 12 дена во ИСС во октомври 2021 заради снимање сцени во лабораторија.

Русија на тој начин ги победи САД на ова поле. Првиот холивудски проект во вселената беше најавен уште во 2020, а требаше да се снима во соработка со НАСА и „СпејсЕкс“ на Илон Маск.

Шипенко, кој беше задолжен за камера, осветлување и звук, се врати од ИСС со 30 часови снимки, од кои 50 минути биле искористени во конечната верзија на филмот. Тој и Пересилд биле на обука четири месеци пред да заминат во вселената.

Според телевизијата „Канал еден“, која учествуваше во проектот, снимањето на филмот чинело помалку од милијарда рубли (10 милиони евра), иако буџетот не е официјално објавен.