РУСКАТА ЗИМА ВО КИНОТЕКА ПОЧНУВА СО „АНА КАРЕНИНА: ПРИКАЗНАТА НА ВРОНСКИ“ НА ШАХНАЗАРОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот филм на Карен Шахназаров, „Ана Каренина: Приказната на Вронски“, вечерва во 20 часот ќе го отвори Месецот на руски филм насловен „Руска зима“ во Кинотеката на Македонија.

Пред проекцијата, Шахназаров, едно од најзначајните имиња на современиот руски филм и директор на „Москва филм“, ќе ја прими титулата почесен доктор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА. Ова признание досега го добија имиња со светско реноме, како Клод Лелуш (Франција), Маноел де Оливеира (Поругалија), Јиржи Менцел (Чешка) и Роберт Вилсон (САД).

Од Кинотеката велат дека до крајот на февруари ќе бидат прикажани 25 класични и современи руски филмови, а поводот е 25 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Руската Федерација и Македонија.

Меѓу насловите се „Андреј Рубљов“ на Андреј Тарковски, „Ѕвезда“ на Николај Лебедев, „Шетајќи по улиците на Москва“ на Георги Данелија и „Семејни врски“ на Никита Михалков. Поради голем интерес, закажана е уште една проекција на „Ана Каренина“, на 6 февруари во 18 часот.

Билетите за проекциите се бесплатни, но потребна е претходна резервација.