САША БАРОН КОЕН НАВЕСТИ ПРОЕКТ ЗА СТАРИОТ НЕПРИЈАТЕЛ ТРАМП

Лос Анџелес, (Вараети)

Саша Барон Коен го честиташе празникот 4 Јули на Твитер, навестувајќи проект што можеби ќе биде насочен против неговиот стар непријател Доналд Трамп.

„Тој се врати, каков што не сте го виделе досега“, стои во трејлерот.

Контроверзниот британски комичар, кој претходно ги создаде ликовите на Али Џи, Борат и Бруно, постираше клипови, во коишто Трамп вели дека на Коен треба да му се удри бокс и му порачува да се врати во училиште и да научи да биде смешен.

Краткото видео завршува со зборовите „Саша ќе дипломира наскоро“, проследено со логото од универзитетот на Трамп, кое беше затворено пред осум години, по само пет години работа.

Коен и Трамп долго време јавно се препукуваат. Трамп дури го напушти интервјуто кога гостуваше во „Шоуто на Али Џи“.

Во својот последен филм, „Диктатор“ од 2012 година, Коен го исмеваше либискиот диктатор Моамер Гадафи и оттогаш главно се појавуваше како актер.