Режисерот Стојан Вујичиќ почна со пробни снимања за првиот македонски семеен долгометражен филм за деца, „Стела“. Филмот ќе се снима во Скопје, Галичник и во Штутгарт, Германија.

Продуцентот Огнен Антов вели дека „Стела“ е приказна за еден шарпланинец, едно дете и за еден дедо. Филмот е копродукција на „Дрим фектори“ од Македонија, „Акција продукција“ од Србија и на „Моуна“ од Германија.

Тони Михајловски и шарпланинката Стела (Фото: Дрим фектори)

„Звучи идилично, но не е. Откако детето Никола ќе проба да се самоубие поради малтретирање во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Само шарпланинката Стела не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори и среќна е во негова близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас ќе може да се слушне единствено кога таа лае. Дедото, кој избегал од луѓето за да живее сам во бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство, бегајќи од своето вистинско семејство“, најавува Антов.

Дејан Лилиќ, Петар Маниќ и Христина Поповиќ во сцена од „Стела“ (Фото: Дрим фектори)

Улогата на Никола ја игра 12-годишниот Петар Маниќ, за кого ова е филмско деби, а во кастингот се и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од српскиот филмски хит „Парада“.

Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Гого Клинчаров, а костимограф е Милена Миленковиќ. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и од Филмскиот центар на Србија.