Легендарната екипа на серијалот „Враќање во иднината“ се обедини на една конвенција, среде шпекулациите дека би можел да се снима и четвртиот филм.

„Четири добри пријатели се вратија од иднината“, напиша Леа Томпсон на Твитер.

Мајкл Џеј Фокс (Марти Мекфлај), Кристофер Лојд (д-р Емет Док Браун), Томпсон (Лорејн Бејнс-Мекфлај) и Томас Вилсон (Биф Танер) се собраа на конвенцијата Фан експо во Бостон, што е нивната прва заедничка средба од 2015 година, кога беше одбележана 30-годишнината од првиот филм.

„Назад во 2018, дури и Биф успеа да стигне“, се пошегува Фокс на Инстаграм.

Тие зедоа учество во панел-дискусија, а картите за средбата со нив се продаваа по цена до 999 долари.

Едно од неизбежните прашања беше и дали ќе се снима нов филм.

„Знаете како размислуваат во Америка: ‘Ги уништивме сите франшизи со лоши продолженија, зошто не и оваа?‘ Би ја гледале додека не стане навистина лоша“, се пошегува Вилсон.

Кокреаторот Боб Гејл и режисерот Роберт Земекис претходно кажаа дека нов филм веројатно нема да се случи.

„Боб е чуварот на франшизата“, додаде 57-годишниот Фокс.