ШВАЈЦАРЕЦОТ ИНАН НАГРАДЕН ЗА НАЈДОБРА МОНТАЖА НА ФЕСТИВАЛОТ СИНЕМАТИК ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Каја Инан, монтажерот на швајцарскиот детски филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“, ја доби наградата „Златен рез“ на Фестивалот за филмска монтажа Синематик во Скопје. Третото издание на фестивалот заврши синоќа.

Од шесте филма што беа на програмата, жирито во состав Сандра Ѓоргиева, Гоце Кралевски и Мартин Иванов одлучи наградата да му ја додели на Швајцарецот со турско потекло Инан.

Добитник на наградата за животно дело е Николас Гастер, кој работел на култни и наградени филмови, а голем печат има оставено и во македонската кинематографија со монтажата на „Пред дождот“, „Прашина“, „Како убив светец“, „Жената што си ги избриша своите солзи“ и „Ослободување на Скопје“. Поради работен ангажман, тој не можеше да дојде во Скопје.

Фестивалот Синематик и годинава го организираше Асоцијацијата на филмските професионалци на Македонија.