„Парамаунт“ го објави првиот трејлер за „Терминатор: мрачна судбина“ (Terminator: Dark Fate), најновото продолжение на култната научно-фантастична франшиза, кое по цели 28 години ќе ги обедини Арнолд Шварценегер и Линда Хамилтон.
Во режија на Тим Милер, кој се прослави со „Дедпул“, „Мрачна судбина“ се случува 27 години по дејството во „Терминатор 2“ и Сара Конор сѐ уште е вешт борец, но и свесна дека не успеала да ги спаси сите кога го спречи Судниот ден на 29 август 1997.
„Ти можеби си ја променила нашата иднина, но не и нашата судбина“, ѝ вели хибридниот киборг (Мекензи Дејвис) на Конор.
Нивната нова мисија е да ја заштитат Дани Рамос (Натали Рејес) од новиот модел на терминатор познат како Рев-9 (Габриел Луна), кој е испратен од иднината од Скајнет. На тројката ѝ се придружува и оригиналниот терминатор Т-800 (Шварценегер).
„Мрачна судбина“ е шести филм од франшизата што ја почна Џејмс Камерон во 1984 година и во кината доаѓа на 1 ноември.