СИНОТ НА ЏЕЈМС ГАНДОЛФИНИ ЌЕ ГО ИГРА МЛАДИОТ ТОНИ СОПРАНО ВО ФИЛМОТ ЗА СОПРАНОВИ

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Мајкл Гандолфини ќе го продолжи наследството на својот легендарен татко Џејмс, откако беше избран да ја игра помладата верзија на Тони Сопрано во „Многуте светци на Њуарк“, филмот што временски ќе ѝ претходи на серијата „Сопранови“.

Овој филм ќе им даде на фановите увид во раните години на мафијашот Тони Сопрано, улогата што ја прослави покојниот Џејмс Гандолфини во една од најдобрите серии на сите времиња.

Деветнаесетгодишниот Мајкл, чија најголема улога досега беше во хит-серијата на Ејч-Би-О, „Хрониките на Тајмс сквер“, вели дека со ова му се укажува голема чест.

„Почестен сум што можам да го продолжам наследството на татко ми со тоа што ќе го играм младиот Тони Сопрано. Возбуден сум што ќе имам можност да работам со Дејвид Чејс и со оваа голема екипа таленти собрана за ‘Многуте светци на Њуарк‘“, изјави Гандолфини.

На чело на екипата е токму креаторот на „Сопранови“, Чејс, а досега потврдени актери се и Вера Фармига, Џо Бернтал и Алесандро Нивола. Филмот ќе се случува во 1960-ите години и ќе се фокусира на ликот на Дики Молтисанти, кој му е ментор на младиот Тони.