Синовите на боксерските шампиони Аполо Крид и Иван Драго продолжуваат таму каде што застанале нивните татковци пред повеќе од 30 години.

Ем-Џи-Ем и „Ворнер брос“ го објавија првиот трејлер за „Крид 2“, продолжение на филмот од 2015 година што на Силвестер Сталоне му донесе номинација за Оскар и тој го откри враќањето на еден од култните ликови од 80-ите години – рускиот тешкаш Иван Драго, што ја обележа кариерата на Долф Лундгрен.

Мајкл Би Џордан ќе ја повтори улогата на Адонис Крид, чиј татко Аполо беше натепан до смрт од Иван Драго во четвртиот дел на „Роки“ од 1985 година. Крид, чиј тренер повторно е Роки Балбоа (Сталоне), се подготвува за одмазда, бидејќи во филмот што треба да излезе на 21 ноември ќе ги вкрсти ракавиците со синот на Драго.

Во улогата на Виктор Драго ќе се најде романскиот боксер и кикбоксер Флоријан Мунтеану.

„Крид 2“ го режира Стивен Кепл и е осми дел од франшизата „Роки“.