СМАЧЕНО МИ Е ДА СЕ ПРАВДАМ ЗА ПАРИТЕ И УБАВИНАТА, ВЕЛИ КЕТРИН ЗЕТА-ЏОНС

Лондон, (Мирор)

Велшката актерка Кетрин Зета-Џонс изјави дека нема намера да се извинува ниту да се правда за своите пари, слава и убавина.

„Јас сум таа која сум. Неверојатна актерка, која влезе во семејството од златниот Холивуд“, изјави актерката во интервјуто за британскиот таблоид „Мирор“.

Зета-Џонс (48 години) се омажи со холивудскиот актер Мајкл Даглас во 2000 година, со кого ги има синот Дилан (17) и ќерката Керис (15). Во 2003 година доби Оскар за најдобра споредна улога во мјузиклот „Чикаго“.

Зета-Џонс и Мајкл Даглас со децата Дилан и Керис на премиера во 2015 година (Фото: Гети)

„Да расчистиме едно нешто. Јас не сум повеќе скромна. Затоа заборавете на изјави од типот ‘Се извинувам што сум богата, што сум омажена за филмска ѕвезда’. Готово! Не се правдам за ништо. Ја обожавам мојата работа, уживам во животот, бидејќи имам две убави деца и здрав, среќен сопруг“, рече таа.

Актерката вели дека сега, кога сѐ повеќе добива улоги на зрели жени, сфаќа дека стареењето ја оформило како глумица.

„На средината од кариерата застанав и си поставив прашања како глумица. Созреав како жена, мајка, како сопруга и веќе не се плашам од никого“, вели оскаровката.