СНУП ДОГ ПОТВРДИ ДЕКА ЌЕ СЕ СНИМА ФИЛМ ЗА НЕГО

Лос Анџелес, (АП)

Снуп Дог ќе добие биографски филм.

Студиото „Јуниверзал“ потврди дека развива филм за животот на славниот рапер, а сценариото ќе го пишува Џо Роберт Кол, кој работеше на двата дела на „Блек Пантер“.

„Долго време сакав да го направам овој проект и ги барав вистинскиот режисер, совршениот сценарист и најголемото филмско студио, кои ќе го разберат наследството што сакам да го прикажам на филмското платно и го оставам зад себе“, изјави 51-годишниот Снуп Дог, кој продаде 35 милиони албуми во тридецениската кариера.

„Јуниверзал“ има искуство на ова поле зашто веќе ги екранизираше приказните за рап групата „N.W.A.“ („Директно од Комптон“) и за Еминем (Осум милји“).