СОВРЕМЕНИ ФИНСКИ ФИЛМОВИ ВО КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Кинотеката на Македонија, од денеска до 29 април ќе се одржи Недела на современ фински филм.

Селектор на филмовите е српскиот режисер Бојан Вулетиќ. Ќе бидат прикажани шест филма, пет играни и еден документарец. Филмовите претставуваат пресек на финската кинематографија во последниве две години.

„Возбудливи играни филмови различни по жанр, од семејни драми до трилери и модерни вестерни на снег и мраз, кои се занимаваат со комплицирани семејни односи, обработуваат различни современи теми: од потребата за слободна љубов, предвременото созревање и недораснати родители, до убивање домашни миленици, одмазди и пријателства. Покрај играните, имаме и еден документарен филм, кој следи осуден воен злосторник од поранешна Југославија, кој, за да продоложи со животот, мора да се сретне со своите жртви“, вели селекторот.

Ревијата отвора со филмот „Мало крило“, а меѓу насловите кои ќе се прикажат се: „Успивачот“, „Непростено“, „Законот за земјата“, „Ѕвездени момчиња“ и „Земја на чудата“.