Холивудската летна сезона заврши уште пред да почне. „Топ Ган: Маверик“ е последниот блокбастер чија премиера мораше да биде одложена поради пандемијата на коронавирусот.
Студиото „Парамаунт“ објави дека долгоочекуваното продолжение на големиот хит од 1986 година ќе излезе на 23 декември, место на 24 јуни, како што беше планирано.
„Знам дека многумина од вас го чекаа филмот 34 години. За жал, тоа ќе потрае уште малку. ‘Топ ган: Маверик‘ ќе лета овој декември. Останете безбедни“, порача Том Круз.
Летото вообичаено е периодот кога Холивуд најмногу заработува, па така лани само во Северна Америка биле продадени кинокарти во вредност од 4,3 милијарди долари. Оваа година, тоа нема да биде случај, бидејќи освен „Топ ган“, одложени се и „Истерувачи на духови“, „Блек Видоу“, „Вондер Вуман 1984“ и „Морбиус“, а претходно и „Не е време за умирање“, 25. филм за Џејмс Бонд.