Квентин Тарантино наводно се откажал од плановите да го снима филмот „Филмски критичар“, што требаше да биде неговиот десетти и последен филм во кариерата. Извор близок на Тарантино му го потврдил ова на сајтот „Дедлајн“, велејќи дека режисерот едноставно се премислил и дека ќе се врати на почеток за да размисли што ќе му биде последен филм.
Тарантино (61) долго време кажува дека десеттиот филм ќе му биде и последен, при што двата дела на „Убиј го Бил“ ги смета за еден филм.
Според најавите, „Филмски критичар“ требаше да се случува во Лос Анџелес во 1977 и да следи критичар кој пишува за измислено списание. Тарантино кажа дека ликот е заснован врз вистинска личност. Се шпекулираше дека во филмот ќе глуми Бред Пит.
Продукцијата на филмот веќе беше одложена откако Тарантино решил да го преработи сценариото.
(Фото: Гети)