ТАЖНО Е ШТО ФИЛМОТ СТАНА „ХРАНА ЗА УТЕХА“ ВО ВРЕМЕТО НА ПАНДЕМИЈА, ВЕЛИ СКОРСЕЗЕ

Торонто, (АФП)

Режисерот Мартин Скорсезе на Филмскиот фестивал во Торонто предупреди дека на филмот му се намалува вредноста и се маргинализира во форма на „храна за утеха“ во времето на пандемијата на ковид-19.

Кината во големите градови во САД, како Лос Анџелес и Њујорк, сѐ уште се затворени, а најголемиот фестивал во Северна Америка, Торонто, годинава се одржува главно со онлајн програма. Од дистанца се огласија и добитниците на наградата за животно дело, Ентони Хопкинс и Кејт Винслет.

„Фактот што филмските фестивали се одржуваат, иако со импровизирање и адаптирање, многу ми значи. Забележувам дека во медиумите и поп-културата на филмот се гледа како на ‘храна за утеха’ и тоа е тажно“, рече оскаровецот.

Изминативе месеци, милиони луѓе низ цел свет го поминуваа времето дома затворени во карантин, каде што телевизијата и филмот им беа единствената забава.