ТУРСКИОТ ФИЛМ „АНАДОЛИСКИ ЛЕОПАРД“ ПОБЕДИ НА СЕДМОТО ИЗДАНИЕ НА КИНЕНОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Турскиот филм „Анадолиски леопард“ ја освои главната награда на седмото издание на меѓународниот фестивал на дебитантски филм КинеНова во Скопје.

„Гледавме осум исклучителни долгометражни филма и успеавме да дојдеме до консензус. Главната награда ја доби ‘Анадолиски леопард‘ на режисерот Емре Кајис, кој прикажува еден поинаков свет, свет на пропуштени можности“, соопшти жирито.

Наградата за најголемо уметничко достигнување му припадна на „Чичко“ на хрватските режисери Давид Капац и Андрија Мардешиќ, а за најдобар режисер е прогласена Романката Моника Стан за филмот „Безгрешен“.

Во конкуренција на кратки филмови, специјалната награда ја доби „Обичната Ели“ на режисерката Лавинија Софрониевска.