Режисерите на „Одмаздници: завршница“ ги замолија обожавателите да не им го упропастуваат филмот на други со ширење на спојлери, откако се дозна дека некои сцени биле објавени онлајн.

Во отвореното писмо на Твитер, Џо и Ентони Русо велат дека тие и останатиот дел од екипата работеле неуморно во изминатите три години, со единствена намера да донесат изненадувачки и емоционално моќен заклучок на сагата.

„Кога ќе го гледате ‘Завршница’ во наредните недели, ве молиме не им го расипувајте на останатите на истиот начин на кој не би сакале и вам да ви го упропастат“, велат режисерите.

„Одмаздници: завршница“ ќе биде финале на приказната раскажана низ 22 филмови на „Марвел“. Нема никакви детали за сценариото, а нема ни однапред закажани проекции за медиумите пред премиерата.

Филмот, кој се очекува да ги урне сите рекорди, од 24 април ќе игра во Австралија и Кина, а во САД од 25 април, кога доаѓа и во скопското кино Синеплекс.