ВЕЧЕР СО СПАЈК ЛИ И ГАС ВАН САНТ НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот филм на Спајк Ли, „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“, ќе се прикаже вечерва во кино Милениум во рамките на гала програмата на 17. Фестивал на европски филм Синедејс (20 часот). Премиерата на филмот беше на Канскиот фестивал, на првата годишнина од насилните протести во Шарлотсвил, Вирџинија, каде што маршираа бели националисти и загина еден демонстрант.

Филмот е вистинска приказна за Рон Сталворт, црн полицаец во Колорадо, кој во 1978 година се инфилтрирал во Кју-Клукс-Клан. Џон Дејвид Вашингтон го игра Сталворт, а Адам Воитер е неговиот партнер.

Во 22.30 часот следи филмот на Гас ван Сант, „Без гајле, нема да стигне далеку пеш“, заснован на вистинска приказна.

Во кино Фросина, од 19 часот е „Соседи“ на Григол Абашидзе, во 21 часот е краткиот македонски филм „Обид за среќна приказна“ на Лавинија Софрониевска и во 21.15 часот „Ти ја имаш ноќта“ на Иван Салатиќ.

Во музичката програма на Синедејс, во Младинскиот културен центар (МКЦ) од 23 часот е настапот на Идрис Акамур енд Пирамидс од САД, а пред нив е диџеј сетот на Бигор од Словенија.