ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА „БОЕМСКА РАПСОДИЈА“ – РАМИ МАЛЕК Е СОВРШЕН ФРЕДИ МЕРКЈУРИ, ВЕЛИ ТАПАНАРОТ НА „КВИН“, РОЏЕР ТЕЈЛОР

Лондон, (Ројтерс)

Кога Рами Малек, ѕвездата на ТВ-серијата „Господин Робот“, ја добил улогата на Фреди Меркјури во биографскиот филм „Боемска рапсодија“, најголемиот предизвик му бил да ја долови неговата авторитетна појава на сцена.

Американскиот актер со египетско потекло го игра Меркјури од неговите рани денови со „Квин“ во 70-ите години, преку подемот во една од најголемите светски рок ѕвезди, до легендарниот настап на „Лајв ејд“ концертот на стадионот „Вембли“ во 1985 година.

„Секој пат кога беше на сцена, исто како и во неговиот цивилен живот, тој сè правеше спонтано. Да се обидеш да ја доловиш таа спонтаност е напорна задача“, изјави Малек по лондонската премиера на филмот.

Тој работел со тренер за да ги ископира движењата на Меркјури на сцена, а за широкиот каталог на хитови на групата е користена комбинација на вистинскиот глас на Фреди, гласот на Малек и на уште еден пејач со оригиналната музика.

Филмските и оригиналните членови на „Квин“ на лондонската премиера на „Боемска рапсодија“ (Фото: Ројтерс)

Брајан Меј и Роџер Тејлор по премиерата кажаа дека им се допаднал филмот и особено ја пофалија глумата на Малек.

„Во Рами Малек го имаме совршениот Фреди Меркјури. Тој е неверојатен. Среќни сме, мислиме дека ова е добар филм“, кажа тапанарот на „Квин“, Роџер Тејлор.

Бидејќи филмот со години беше во подготовка, Меркјури првично требаше да го глумат Саша Барон Коен и Бен Вишо, а во финишот на снимањето беше отпуштен и режисерот Брајан Сингер.

Ова не е документарен филм и си дадовме слобода во хронологијата, затоа што имавме два часа да ја раскажеме приказната. Одлучивме да се фокусираме на периодот од рани 70-ти до 1985 година, затоа што сакавме да славиме еден голем човек“, вели Малек.

Боемска рапсодија“ доаѓа во светските кино сали в среда, кога ќе има премиера и во Скопје.