ВНУКОТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ, КРИСТИАН РИСТЕСКИ, ДЕНЕСКА ЈА ПРОМОВИРА СВОЈАТА ПРВА ПЕСНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кристиан Ристески тргнува по стапките на својот легендарен вујко Тоше Проески и денеска и официјално ќе ја промовира својата прва песна.

Песната насловена „Ние сме крв“ („We Are Blood“) ќе биде промовирана во 12 часот на „Радио Бубамара“. Таа ќе се најде на претстојниот дебитантски албум на 20-годишниот Ристески „Тајно место“ („Secret Place“).

Песната „Ние сме крв“ е снимена во Лондон, во студиото на познатиот продуцент Енди Рајт и најавено е дека Кристиан за првпат ќе ја изведе во живо на 2 ноември, на концертот посветен на Тоше Проески, што ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“.

Како ќе звучи песната, Ристески малку ѝ навести на македонската јавност, откако викендов објави дел од спотот на својата Фејсбук страница.