„ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО РОМАНИЈА, ВО АВГУСТ ВО КИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Врба“ на режисерот Милчо Манчевски вечерва ќе ја има романската премиера на тамошниот најстар и најголем интернационален фестивал, Трансилванија во Клуж-Напока. Ова е еден од првите фестивали на светот кој ќе се одржи во услови на пандемија, а филмовите ќе се прикажуваат пред публика на отворени простори.

„Врба“, како што велат од продукцијата „Банана филм“, забележа голем успех на претходните фестивалски прикажувања. Светската критика го опиша „Врба“ како „убав, поетичен филм кој тера на размислување“, „возбудлив и потресен портрет, лесен како лист од врба, но длабок колку нејзините корени“, „три приказни, мајсторски поврзани“.

Кинеската премиера ќе се случи во август на фестивалот во Пекинг. „Врба“ ќе биде прикажан во престижната официјална програма за награди.

„Врба“ го започна своето патување со светската премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври. По македонската премиера, филмот играше во кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. Потоа беше дел и од официјалната програма на фестивалите во Тајпеј, Талин, Белград, Бенгалуру, Калифорнија, Сараево, Софија и други.

„Врба“ ја освои наградата за најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на Камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.