„ВРБА“ ПРИКАЖАН НА ФЕСТИВАЛОТ ВО МОСКВА, ЛУКСЕМБУРГ ПРАВИ РЕТРОСПЕКТИВА НА МАНЧЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Врба“ на Милчо Манчевски вчера беше прикажан на 42. издание на реномираниот Московски филмски фестивал, каде што беше селектиран во Мастерс програмата.

Фестивалот Синеист во Луксембург истовремено прави мини-ретроспектива на Манчевски. Во специјалната програма Фокус на Манчевски, публиката ќе може во живо и онлајн да ги проследи „Пред дождот“, „Прашина“, „Врба“ и краткометражните филмови „Четврток“, кој е американска продукција и „Крајот на времето“ (кубанско-американска копродукција).

Во изминатиот период, „Врба“ влезе во конкуренција за номинација за Европски оскар за најдобар филм и доби две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали на независен филм Рејнденс во Лондон.

На крајот на минатиот месец „Врба“ во иста вечер го отвори фестивалот во Софија и го затвори оној во Тирана, а Манчевски во Софија ја доби Специјалната награда за придонес кон светската кинематографија.

„Врба“ имаше светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што доби исклучително позитивни критики. Пред пандемијата, филмот играше во домашните кина два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност во земјата. „Врба“ беше дел и од официјалните програми на фестивалите во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру (Индија), Синеквест (Калифорнија), Истанбул, Клуж-Напока, Сараево и Пекинг и ги освои наградите „Хосе Оливеира“ на Фантаспорто во Порто и Најдобар филм во Велингтон (Нов Зеланд).