„ВРБА“ СОБРА УШТЕ СЕДУМ ФЕСТИВАЛСКИ НАГРАДИ ЗА ЕДНА НЕДЕЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Врба“ на Милчо Манчевски изминатава недела освои седум награди, а имаше и грчка премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и француска на „Европа околу Европа“ во Париз.

„Врба“ беше прогласен за најдобар филм во Атина, a Наталија Теодосиева ја доби наградата за најдобра споредна женска улога. Филмот во Атина доби уште четири почесни признанија: Милчо Манчевски за најдобар режисер, Сара Климоска за најдобра споредна улога, Тамаш Добош за најдобар кинематографер и за најдобар филм во изборот на публиката.

Теодосиева истовремено беше наградена за најдобра главна женска улога на фестивалот на независен филм Across the Globe во Њујорк.

Од светската премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври 2019, „Врба“ освои 13 трофеи, меѓу кои за најдобра режија на Реинденс во Лондон, за најдобар филм на Синеквест во Калифорнија и Сребрена палма во Валенсија.

Манчевски оваа есен го монтира неговиот седми филм „Кајмак“, опишан како „безобразна комедија“. Се снимаше летоска во Скопје и околината, а во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Македонија, Англија, Италија, Данска, Холандија, Србија, Бугарија и Хрватска. Во главните улоги се Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.